Блог

Како да изградиме свесност за нашиот бренд онлајн?

Блог - Feb 02, 2020

Не ни требаат скапи телевизиски реклами или билборди за да изградиме свесност за нашиот бренд. Секако, многу луѓе би ја виделе рекламата за нашата компанија на некое забавно шоу, за време на добар филм, но постојат и други начини за промоција на брендот кои се бесплатни, скоро бесплатни или навистина поефтини од традиционалните канали на промоција.

Важно е луѓето да знаат за нашиот бизнис, важно е да знаат што можеме да им понудиме и кои се придобивките за нив. Но, дали е доволно само тоа? На пример, да кажеме дека 100% од луѓето (практично сите) ги познаваат нашите производи или услуги, но тоа не е доволно да ги натераме да ги купат. Секако дека не е.  Свесноста за брендот поединечно како мерка нема вредност. За тоа сум сигурна, верувам ќе се сложите и вие. Треба да направиме повеќе од градење на свесноста за брендот, треба да изградиме свесност за пораката за брендот. И ако таа порака не е добра, тогаш си го губиме времето и треба да превземеме нешто.

Користете ги социјалните медиуми како PRO

Не е ново ако кажам дека социјалните медиуми се клучни за утврдување на идентитетот и зголемување на свесноста за брендот. Ако сме веќе присутни на интернет, тогаш социјалните медиуми се нашата најважна алатка. Од една страна, го рекламираме нашиот бренд и креираме можност за генерирање нови лидови (потенцијални клиенти), а од друга страна пак ги охрабруваме фановите да ги споделат нашите објави или пак да направат било каква акција со нашите постови. Оваа втората, може да биде многу корисна за зголемување на свесноста за брендот, а тоа подразбира малку напор во буквална смисла на зборот.

Треба да одредиме која социјална мрежа најмногу ни одговара за промоција на бизнисот. Да одвоиме време и да ги дефинираме маркетинг целите и да одлучиме кои платформи ќе бидат потребни за да ги исполниме целите.  Линкувањето е еден од најдобрите начини за промовирање на брендот, а тоа е особено ефективен метод при користење на социјалните медиуми.

›› Користете ја Facebook мрежата за да ја претставите вашата компанија и вашите производи.

›› Користете го Twitter за да поттикнете интеракции и engagement.

›› Користете ја Инстаграм мрежата за да ја зголемите свесноста за брендот.

Проверете колку вашата веб страница е оптимизирана?

Кога нe пребаруваат корисниците, секогаш сакаме “по нашки кажано”- корисниците да не пронајдат од “прва”. Можеби бараат нешто што е поврзано за нашите производи или услуги, па доколку излеземе помеѓу прво излистаните резултати, тогаш можеме да кажеме дека тие резултати се релевантни за нивното барање.

Но, не е така лесно.  За да бидеме сигурни дека нашата веб-страница се појавува најгоре помеѓу првите резултати од Google, ни треба оптимизација (SEO). Овој термин се однесува на низа начини преку кои можеме да ја подобриме рангираноста на нашата веб страница, која пак директно влијае на зголемување на свесноста за нашиот бренд. Во суштина, треба да се водиме според правилата на Google,  а со тоа и да му олесниме на Google полесно да ја препознае содржината на нашата страница како јасна и доволно квалитетна содржина. Сето ова инволвира користење на SEO технички тактики без кои нема да имаме високо рангирана веб страница.

Раскажете добра приказна

Основата и духот на секој бизнис се најчесто човечките врски. За да ја подигнеме и негуваме свеста за брендот, треба да се поврземе, а раскажувањето приказни ни дава можност да го сториме тоа. Секому е потребна добра приказна. А што е добра “brand”приказна?

Приказната за брендот е повеќе од бајка или содржина. Приказната минува покрај она што е испишано на веб страницата, содржината во леток или пак текстот на некој билборд. Нашата приказна не треба да биде само она што им го кажуваме на луѓето, туку е и тоа во кое што веруваат тие, а е врзано за нас и нашите производи.

Да креираме содржина преку која ќе ја пренесеме информацијата за нашиот бренд, но не што  правиме и колку добро го правиме, туку приказна преку која ќе формираме “здрава“ слика за брендот.  И тогаш, промоцијата на брендот ќе се случува кога не сме присутни, зад “наш грб” :), кога клиентот ќе му пренесе на пријателот позитивно искуство од  нашите производи или услуги.

Автор

Цеце Јошева

Менаџер за Дигитални Комуникации

Да работиме заедно!

Секогаш имаме добра приказна да раскажеме, а следната може да биде Ваша.