Ќе научиме: Сите ќе бидеме подобра верзија од себе кога ќе помине короната

Вчера гледав еден интересен краток филм – Порака од вирусот. Ни порачува дека “доста е од авиони, возови, шопинг центри, состаноци … време е да застанеме и да го послушаме нашиот здрав разум. Да не си играме богови, да ставиме крај на бескрајната “какофонија” на пораките … Страдаме, не сме добро, ја уништуваме земјата, градовите тонат, шумите горат и никој не слуша. Нашите темели пропаѓаат. Сега сè ни се враќа, не нападна силата која треба да ја врати рамнотежата. Да погледнеме кон небото во кое нема повеќе авиони, да погледнеме во океаните кои за прв пат можеби ќе бидат почисти, да се погледнеме себе си, бидејќи ние  не можеме да бидеме здрави во заболен екосистем“. Филмот завршува со пораката да не се плашиме и да ја научиме лекцијата, затоа што ако го сториме тоа, се ќе бидеме во ред.

Пораката е силна, јасна – природата ни враќа назад за целата наша небрежност, но сега оди и чекор подалеку – нè учи лекции. До пред околу десетина дена сите живеевме во нашиот брз ритам на состаноци, повици, мејлови и сè беше важно и итно. Не бевме доволно посветени на нашите пријатели, партнери, деца, родители, но пред сè, не бевме посветени на нас самите. Сега сме принудени да го направиме тоа.

Вирусот корона ќе не научи на многу работи. 

Ќе не научи да се смириме, да застанеме малку. Да се одмориме и наспиеме пред да почне новиот ден.

Ќе нè научи да бидеме помалку себични, да застанеме и да ги прашаме другите како се, да не купуваме работи без потреба, да не ги каниме пријателите на кафе за да слушаат монолог за нас, да ги научиме нашите деца да ги делат работите кои ги имаат.

Ќе не научи да си поставиме приоритети, кому се потребни 106 пара нови чевли?… Ќе не научи да ги цениме книгите и пишаниот збор.

Цел свет сега може да слуша опера од Метрополитен во Њујорк, Берлинската филхармонија итн. Ќе не научи да уживаме во музиката која ни е достапна на сите.

Секој може да го посети бесплатно музејот на Ван Гог во Амстердам, Пергамон во Берлин и безброј други светски галерии и музеи.

Ќе нè потсети дека заборавивме што е уметност во светот на кич, шунд, во светот каде секој може да окупира „јавен“ простор, само затоа што има акаунт на социјалните мрежи.

Ќе нè врати во нашите домови. Ќе нè затвори со децата што ги одгледавме и партнерите што си ги одбравме. Ќе нè научи да работиме повеќе со нашите деца ако не сме им се посветиле доволно. Ќе нè научи да ги воспитаме повторно нашите деца што ги разгаливме и направивме зависни од нас. Ќе нè научи повторно да се заљубиме во нашите партнери, а некои можеби и конечно ќе се одлучат и да се раздвојат.

Ќе ни помогне да осознаеме кои ни се вистинските пријатели. Ќе нè научи дека не треба често да се гледаме, доволно е да мислиме едни на други и да си испраќаме поддршка. Зборот во живо не може да се замени со ништо. Ќе нè научи и кому е време да му кажеме збогум. Ќе нè научи да се откажеме едни од други, да не се присилуваме да бидеме заедно ако некои работи не функционираат. Да не останеме во однос кој нè оптоварува и од кој не добиваме ништо позитивно.

Но, исто така ќе нè научи да игнорираме конфликти предизвикани од нашата суета, брзање, страв или гнев.

Ќе не научи да слушаме актвно, монологот нема да биде повеќе на цена. 

Ќе не научи да ги цениме повеќе невидливите луѓе: касиерките, доставувачите, куририте, работниците во call центрите. Оние кои го држат системот на ситни штрафови.

Короната не бира по боја, раса, сексуална определба, за овој вирус сите сме исти. Ќе научиме да бидеме потолерантни. 

Но, изгледа дека бира по старост.

Затоа ќе не научи да ги почитуваме повеќе постарите, нивното знаење и искуство кои ни се сега најмногу потребни.

Ќе нè научи да ги цениме напорите на нашите родители, баби и дедовци и подобро да разбереме што поминале додека нè воспитувале. Како преживеале за време на војни, економска изолација, санкции, бомбардирања. Колку биле храбри и не покажувале страв.

Но, најмногу од сè, ќе нè научи да се фокусираме кон себе и да сфатиме дека можеме да бидеме сами со себе. Верувам дека ова е и најважната лекција што сите ќе ја научиме. Ако не извлечеме поука од ова, тогаш навистина и нема спас за нас. Со или без Корона. 

Бидејќи Короната ќе помине, ние остануваме се надевам, како подобра верзија од себе. 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *