Јавниот настап – „Железни врати отвора“
Блог - Jul 07, 2021
Без разлика дали говориме на состанок или се претставуваме пред десетици или стотици луѓе (online или offline), на дневна основа комуницираме со различна публика. Повеќето од нас чувствуваат страв при самото споменување на јавниот настап затоа што најчесто тоа не е активност вообичаена за нас. Забораваме дека не се раѓа добар говорник , туку добар говорник се станува со вложување на многу труд.
Со усовршување на вештината за јавен настап, на поединецот му се отвораат многу врати не само во неговата кариера, туку и во целиот негов општествен живот. Ретко се случува поединци секојдневно да зборуваат пред голема публика кога примаат награди, кога учествуваат на конференции или кога држат предавања. Развиените вештини за јавно говорење се подеднакво важни и во другите сегменти од животот. Можеби наскоро ќе биде побарано да одржите здравица на свадба на близок пријател, или локална волонтерска организација ќе ве замоли да го отворите нивниот добротворен настан.
Добро формираната вештина за јавен настап е уметност сама по себе, која има свои цивилизациски корени датирани уште од античкиот период. Сепак, овде нема да ја разработиме далекусежната историја на човечката потреба за комуникација со другите. Тоа е вештина што нема рок на траење и чија важност не зависи од различни социјални револуции. Дигиталната ера, а особено за време на пандемијата на COVID-19 вирусот, ги насочи настаните на Интернет. Правилата се слични на некој начин, но и различни. Едно е сигурно – јавниот настап останува вештина што отвора многу врати, а неговата неразвиеност може и многу да затвори.
Тремата и стравот не се изговор за да не го подобруваме нашиот јавен настап. Точно е дека сите немаме X фактор, но не е точно дека не сме доволно вешти во нашето јавно обраќање. Постојат бројни блогови, обуки, работилници, курсеви кои ветуваат дека можете да станете бестрашен јавен говорник и „зависник од говорница“. Мораме да ве разочараме – јасно е дека човекот учи додека е жив и дека секогаш има простор за подобрување, но не лесно се менува темпераментот на една личност. Затоа е важно да се разбере дека подобрувањето на оваа вештина вклучува да научиме како да ги контролираме емоциите и да го смениме начинот на размислување во стресни ситуации – јавен настап. Во еден таков процес на подобрување, вие се реализирате себеси, вашите можности и потенцијали.
Постои правило за успех на јавно говорење- 3П (подготовка – пракса – персонализација):
Подготовка
Започнете со одговарање на прашањата: Кому се обраќате? Колку долго ќе зборувате, предавате или презентирате? Каков материјал треба да подготвите? Кои извори ви се потребни за да ја пренесете темата? Кои се вашите клучни пораки? Како и кога ќе комуницирате за време на настапот?
Пракса
Вежбајте го вашиот глас пред огледало додека целосно не се навикнете на него. Само на овој начин ќе делувате природно на вашиот јавен настап.
Персонализација
Бидете тоа што сте. Ако сте интровертна личност, не се обидувајте да споделувате енергија што не е својствена за вас. Тоа што сте Вие – е вашата најголема предност во вашето јавно обраќање.