Кризата некогаш и сега. Како правилно да го посоветувате клиентот?

Новото време донесе комплетно нова динамика во доменот на односи со јавноста. Некогаш доминантни комуникатори или пренесувачи на пораката биле медиумите. Да се „протури“ важна информација до нив и да се овозможи таа да биде пласирана на вистински начин била суштината на успешната работа. Денес изгледа се е поинаку. Потрошувачите денес се навистина моќни комуникатори, а социјалните мрежи и тоа како овозможуваат секој да може да ги има „своите пет минути слава“. Во ерата кога дневно „голтаме“ стотици информации, сме навикнале да ги процесираме речиси сите можни теми во еден ден: од политика, економија, општествени феномени, забавни и лајт содржини до војни, мигрантски кризи, елементарни непогоди… Во сето тоа тешко е да се снајдат не само поединците туку и компаниите и медиумите.

Сите знаеме дека новинарите бараат теми на интернет и социјалните мрежи. Следат што е “во тренд“ и тоа го претвораат во свои стории и текстови. Поголем дел од медиумите во регионот се свртија кон интересни теми, clickbait наслови, вести во кои нема да верувате, а во целото тоа шокантно море се најдоа компаниите и брендовите.

А каде е тука кризата? Пред 10 или 15 години за сите комуникатори, најлошо можно сценарио беше во јавноста да се појави вест за „пронајден предмет во производот“ – од самата помисла на таквото сценарио сите добивавме главоболка. Денес, вакви вести и приказни читаме секојдневно. Да не се лажеме, и понатаму ни предизвикуваат главоболки иако живееме во време во кое значителен број на медиуми живеат благодарение на токму вакви приказни. На луѓето веројатно им е вродено полесно да поверуваат во негативната, лошата вест но на таа тема веројатно психоаналитичарите би имале повеќе да кажат. Прашање над прашањата е – како да се исхендла фејк криза денес?

Пред се длабоко верувам дека подготовката и понатаму е клучна но таа во денешно време подразбира многу повеќе работа, познавање на сите учесници во процесот, проценка на брзината на протокот на информации и сите проблеми или предизвици со кои би можела да се соочи компанијата или институцијата. Во време на сајбер криминал сѐ може да се дознае и злоупотреби и затоа е клучно да знаеме што е можно повеќе за секој сегмент од работењето на клиентот. Во спротивно, кога ќе избие кризата се губи драгоцено време на тоа да се упатат сите и да се објасни – а уште во основно научивме дека налошо е да се учи вечерта пред контролна кога сите дома се нервозни и напнати.

Следува задолжителна подготовка на материјалот, што го користиме во „не дај боже ситуации“, но тоа е веќе дел од старата добра матрица на секој кризен план. И тука некаде доаѓаме до раскрсница. Некогаш повремено се појавуваа во јавноста „вистински“ кризи или големи проблеми. Имаше многу малку ситуации во кои јавно полемизиравме на тема дали нешто се случило или не, а сега во ерата на голем број исфабрикувани кризи од страна на разноразни комуникатори/ поединци во недоумица сте како да го посоветувате клиентот кога ќе се најде на удар на сомнителни медиуми? Кога и вие и клиентот сте свесни дек приказната е „шуплива“ и злонамерна. Одговорот на ова прашање, за жал, не е едноставен, а се случува и многу тешко да дојдеме до таков одговор. Сепак на клиентот мора да му се даде некаков совет затоа што тоа е дел од работата на агенцијата.

Понекогаш советот за клиентот го формулираме врз база на глобалните процедури на самата компанија, проценка дали е темата интересна за понатамошна разработка, а понекогаш и врз основа на нашите добри односи со медиумите. Во време кога теориите на заговор се дел од нашето колективно свесно и несвесно, факт е дека луѓето до некаде отрпнаа на лоши вести. Има премногу лоши вести и се вклопуваат во контекстот според кој само што не се случил “крај на светот и нуклеарна војна“, а факт  е дека е тешко да се предвиди како нештата ќе се развиваат, до кога ќе трае ерата на лажни вести, фејк кризи и сомнителна медиумска содржина. Извесно е дека нема да се вратиме во минатото и дека работата ќе ни биде со се поголеми предизвици, а прашање е и што ќе ги советуваме клиентите за 10 години.

Равенката е со многу непознати, постојано се појавуваат нови канали, нови технологии. Веројатно суштината е во тоа да се фати чекор, и тоа што порано, и да се понуди информација во пакет која е тренди но и да се остане верен на квалитетот. Бидејќи тоа , барем се надевам, е вредност која е вонвременска.Верувајќи во тоа, бирам оптимистичен пат на кој искусните комуникатори и професионалци ќе знаат да одговорат на предизвиците, што на многумина им успева и денес.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *