Facebook најави дека од 2020 година ќе почне да се употребува Libra, криптовалутата која ќе им дозволи на милијардите корисници на платформата да реализираат финансиски трансакции онлајн.
Секако прашањата кои се наметнаа се:
Дали е тоа новиот Pay Pal?
Колку е безбедно, имајќи ги предвид проблемите што Facebook ги имаше со изложеност на ризик на приватните податоци на своите корисници?
Како ова ќе се одрази на банкарскиот бизнис и колку е согласно законите?
На овие прашања ќе се дискутира уште многу во периодот до отпочнување на практичната примена на Libra, а еве што беше најавено по однос на користењето.
Според Facebook, Libra e „глобална валута и финансиска инфраструктура“ односно дигитален asset со кој сака да им овозможи финансиски трансакции на над 1.7 милијарди луѓе во светот без пристап до традиционални банкарски услуги. (И секако не само на нив).
Меѓу компаниите основачи кои се вклучија во создавањето на криптовалутата со финансиска поддршка од по минимум 10 милиони долари се: PayPal, Ebay, Spotify, Uber и Lyft, како и финансиските институции Andreessen Horowitz, Thrive Capital, Visa и Mastercard што зборува за потенцијалот на идејата иако се најавува дека ќе се соочи со законски ограничувања.
Откако ќе биде лансирана криптовалутата, корисниците ќе можат да ја користат преку Calibra, дигитален паричник достапен преку Messenger, WhatsApp но и како самостојна апликација. Иако нема најави во кои земји во светот ќе биде на старт достапна Libra, според изјавите речиси секој во светот кој има паметен телефон ќе може да ја симне апликацијата.
А што може да се купи со валутата?
Преку апликацијата корисниците ќе можат да си праќаат пари, потоа ќе се оди кон развивање на секојднвени купопородажни трансакции. Фактот што компании како Uber и Lyft се инвеститори во проектот најавува дека можеби нивните корисници ќе можат да ги платат услугите за превоз со дигиталниот паричник Calibra.
Колку е се ова безбедно?
Секако, Facebook инсистира на тоа дека финансиските податоци ќе се процесираат оддвоено од податоците од социјалните мрежи и истите нема да бидат користени за маркетинг цели.
Исто така компанијата најави имплементирање на технологии за спречување на перење на пари и измами, а ќе нудат и постојана live поддршка за корисниците кои не можат да си пристапат до сметките и рефундирање доколку некој изгуби пари како резултат на измама.
И секако прашањето од милион долари, како ова ќе му носи пари на Facebook?
Секоја трансакција ќе подразбира минимална провизија.
Што мислите колку време ќе треба за да почнеме да ги користиме новите Facebook пари за да си го платиме кафето?