Трендови на новата нормалност: Работна недела според моделот 3-2-2
Блог - Mar 04, 2021
Пандемијата нè принуди да се прилагодиме на поинакво секојдневие, а работата од дома се издвојува како концепт што многу вработени го прифатија, додека има и такви кои сепак сакаат да се вратат во канцеларија.
Пред неколку месеци, можевме да прочитаме разни студии кои се однесуваат на структурата на работата и флексибилноста. Експертите веќе од одамна дебатираат дали различните модели на работа би имале позитивно влијание врз вработените, а се повеќе се зборува за моделот 3-2-2. Професорка од Харвард предвидува дека работната недела од девет на пет ќе се трансформира и дека во иднина вработените ќе работат од канцеларијата три дена, а два од дома и дека, како и обично, викендот со два дена ќе биде слободен. Овој начин на работа се смета за идеална рамнотежа помеѓу традиционалното и новото и им овозможува на вработените подобро да ги организираат и прилагодат своите приватни обврски, да бидат попродуктивни и задоволни.
Дали организациите што го поддржуваат овој модел ќе бидат поуспешни и како тоа ќе се реализира во пракса?
Свесни сме дека работата од дома ни покажа дека некои денови не е потребно да се вклучиме во текот на сите осум часа и дека можеме да завршиме некои обврски многу побрзо без прекини и бучава. Не губиме време во превозот, успеваме да заштедиме, имаме повеќе време за своето хоби, семејството и партнерите.
Сепак, има денови кога се чини дека седиме на компјутер и по дванаесет часа. Работата од канцеларијата ни нуди структура и границите се јасно поставени. Не се чувствуваме отсечени од нашиот тим, има поголема поврзаност и побрзо ги извршуваме оние задачи за кои ни требаат консултации со колегите.
Треба да комуницираме со другите и работата од дома не може да биде трајно решение. Затоа моделот 3-2-2 се наметнува како добра алтернатива затоа што ги комбинира „најдоброто од двата света“.
Сигурно е дека грижата за менталното здравје на вработените по пандемијата дополнително ќе биде поврзана со флексибилноста. Организациите за кои флексибилноста отсекогаш била дел од организациската култура ги слушаат вработените и се свесни дека тие сакаат да ја задржат можноста за работа од дома во некоја форма.
Дури и ако организациите не го прифатат моделот 3-2-2 во иднина, верувам дека многумина ќе практикуваат барем некој петок од месецот да работат од дома. Важно е да се донесе модел кој ќе ги задоволи и вработените и работодавците.
***