[Бинџување е англизам, кој потекнува од зборот binge-watching и претставува опсесивно или маратонско гледање телевизија односно серии, фимови или телевизиски шоу-а. Секогаш кога гледате една цела сезона од некоја серија за една ноќ, или неколку филмови еден по друг – тоа е бинџување]
Уште еден петок ни минува во изолација. Се надевам дека не се откажавте и дека се’ уште на продуктивен начин го поминувате времето дома. Ви дадовме предлози што би можеле да читате, потоа како да ги „посетите“ музеите ширум светот, а за денес одлучивме да ви препорачаме серии од Netflix. Кој сака, нека повели – пуканки и грицки, можеби уште подобро – земете овошје и бинџувајте!
Narcos: Во случај да се’ уште не сте слушнале (што е неверојатно доколку сакате серии), серијата Наркос во првите две сезони говори за животот и подемот на големиот нарко бос Пабло Ескобар. Во третата сезона после неговото убиство, се занимава со картелот Кали, додека последните две сезони се случуваат во Мексико. Серијата не е наменета за помлади од 18 години бидејќи изобилува со насилство и експлицитни сцени, но сепак се’ е изработено со доза на вкус. Дејствието во серијата се одвива бргу, полно со обрти и ве тера да гледате неколку епизоди една по друга.
La Casa de Papel: Деновиве излезе четвртата сезона на неверојатното шпанско остварување за најверојатно најголемиот грабеж на пари во историјата на човештвото. Секако, се’ е измислено, а серијата која првично беше замислена како мини-проект во 2017 постигна толкав успех што Netflix ја откупи и нарача уште две сезони. Последната е баш свежа и ве чека на Netflix, но ако досега не сте, погледнете ги првите три сезони. Не ни можете да замислите колку се испреплетени односите и какви се’ пресврти има во текот на серијата.
Better call Saul: Ако уживавте во Breaking Bad, ќе уживате и во оваа серија. Дејствието се одвива пред контроверзниот адвокат Сол да ги запознае Волтер Вајт и Џеси Пинкмен. Ова остварување објаснува како воопшто Сол станал омилен бранител на оние кои живеат на работ на системот, законите и на сите воспоставени правила. Во моментов се прикажува петтата сезона (која ќе заврши на 20-ти април), а веќе за 2021г. најавена е и шестата.
Messiah: Серијата е фокусирана на реакцијата на модерниот свет кон човекот кој за прв пат се појавува на Блискиот Исток и чии следбеници тврдат дека тој бил есхатолошкото враќање на Исус. Неговата изненадна појава и привидните чуда покренуваат се’ поголемо меѓународно интересирање, фрлајќи сомнеж на тоа кој е тој човек всушност и на случај кој бил истражуван од ЦИА.
Formula 1: Drive to survive: Документарец кој прикажува како возачите, менаџерите и сопствениците на тимовите го живеат животот на брзата лента – и на патеката и надвор од неа – за време на секоја сезона на трки на Формула 1.