Втората недела од мојата посета на Сараевската канцеларија ја поминав во знак на Корона вирусот, впрочем како и сите ние на оваа планета. Затоа, ова мое јавување ќе биде посветено на моите размислувања како нашата струка, а богами и сите ние ќе се носиме со оваа катастрофа.
Прво размислување – дали да и се препуштиме на паниката или веднаш да почнеме да размислуваме „Што понатаму?“ Имено, во 2014. година бев дел од меѓународниот кризен тим на Обединетите Нации, во периодот на поплавата која и се случи на Србија. Моето искуство, а и секое прагматично размислување вели дека треба веднаш да подготвуваме сценарија кои ќе ни помогнат:
1) да го надминеме оној прв удар кој ќе го почуствува целата наша професија, поточно стопанството
2) Ако имаме recovery plan, ќе ни биде полесно. Додека го пишувам ова и понатаму немам одговор за првото прашање, па преку неделна ретроспектива ќе споделам неколку свои размислувања.
Понеделник
Стартот на неделата беше мирен, подготвивме неделен план и распоред на активности. Меѓутоа, околу 12h го откажавме првиот настан кој требаше да го организираме, а потоа и останатите два.
LSPR школата, требаше да започне во сабота, 14ти март, … сеуште не ја откажуваме, во тој момент ситуацијата делува мирно. Тоа е тој период кога сите велиме – ајде да почекаме уште ден/два да видиме што ќе се случи. “ ОК, рековме, тогаш да го искористиме „слободното време“ за подготовка на планови, проактивно делување кон клиентите и фокус на онлајн активности. Можеби уште тогаш требаше да почнеме со lockdown сценарио, но ќе кажам, ние сме Балканци– цел регион во понеделникот беше во „да почекаме“ расположение.
Вторник
Од Белград добивме информација дека целата агенција ќе почне да работи од дома, поради ново пријавените случаи во главниот град. Можеби малку порано, но според мене тоа беше одлична одлука, која полека почнаа да ја применуваат и другите компании ширум Србија. Тој потег беше демонстрација на лична и професионална одговорност. Многу компании можат ваков тип на потег да го искористат во ПР цели или пак како пример на друштвено одговорни компании. На почетокот, колегите имаа проблем со серверите, но добрата ИТ поддршка брзо ги реши сите проблеми – и тоа е многу битна работа во вакви моменти, искусен ИТ стручњак има пресудна улога. Во деновите кои следат ќе стартуваме и со Microsoft Teams. Програм кој ќе ни помогне да функционираме малку по нормално :).
Среда
Почнуваме да размислуваме за одложување на LSPR школата, им се јавуваме на пријавените, предавачите, се консултираме. Сите сакаат да стартуваме. Ок, имаме уште два дена да размислиме. Планираниот службен пат за Бања Лука го откажавме. Договоривме Skype состанок– ни (моменталната) полу-вонредната ситуација не е изговор да не направите некои работи. Кога ќе помине се, секој ќе сака да го надомести пропуштеното и секоја организација ќе биде пред овој предизвик. Исто сметам дека во оваа состојба на Корона вирус сите ќе научиме една лекција – дека премногу “состанчиме” и дека поголем дел од обврските може да ги спроведеме и онлајн.
Четврток
Веќе озбилно се комплицира целата ситуација, секојдневно добиваме информации дека некоја граница е затворена, некој лет е откажан. Во повеќето земји се стопира наставата во училиштата, се затвораат градинките, почнува работата од дома. Брзо се прилагодуваме на новата ситуација. Меѓутоа, да бидеме искрени, знаеме дека работата од дома може директно да влијае на ефикасноста и продуктивноста бидејќи секој поединечно го организира своето време. Магично решение нема, но доколку имате добар тим, ќе видите (нас така и ни се покажа) дека вработените нема никако да го злоупотребат работењето од дома, туку ќе им биде важно да се докажат и да се покажат на ниво на задачата. Тоа е непроценливо. Друго решение се тимските утрински онлајн состаноци, пресеците, распоредот на обврски и роковите. И ќе повторам, сите не очекува периодот после Корона, ќе мораме да го надоместиме пропуштеното, одложеното и откажаното, народски кажано да се вратиме во “нормала”.
Петок
Во петок ја откажавме и официјално LSPR школата во Сараево. Ни се случи неверојатна ситуација, поточно добивме 3 нови пријави во средата и четвртокот, што зборува за нескршливиот босански дух и желба за учење. Сепак, директорката Ена Маглиќ донесе одлука да се одложи школата, луѓето и безбедноста ни се важни на сите. Почнавме да размислуваме и за онлајн LSPR, но се согласивме дека треба да почекаме. Во петокот ја испративме и првата понуда за онлајн тренинг за криза која ќе ја водиме јас и Ена преку скајп. Колку и да е во лош момент, ова е шанса да научиме нешто, прочитаме некоја книга, поминеме некој онлајн курс.
Одјавување и враќање во Белград
Во петокот одлучив да се вратам дома, во Белград, нема потреба да бидам во Сараево бидејќи и оваа канцеларија ќе работи од дома. Колку и да го сакам Сараево, сепак и јас сакам да сум дома. Поточно во самоизолација, бидејќи тоа е единствената одговорна работа која треба да ја направи секој кој е во можност.