Имаме добра и лоша вест за ивент индустријата. Лошата вест е дека ништо веќе нема да биде исто. Добрата вест е дека ништо веќе нема да биде исто.
Лошо е тоа што при моменталните околности, и во некој краток период откако тие ќе завршат, не можеме да ја работиме нашата примарна работа – да организираме настани, собири, конференции, концерти, фестивали, изложби, забави, свадби, прослави. На почетекот на официјалното прогласување на пандемијата (поточно на 19 март) Светската здравствена организација издаде документ со наслов „Клучни препораки за масовни собирања во контекст на COVID-19“ („Key planning recommendations for Mass Gatherings in the cоntext of COVID-19″) со кои ги советува сите организатори на настани како правилно да постапуваат во склад со растечката епидемија. Имаше препораки луѓето да не се приближуваат едни до други и да се одржува дистанца, потоа како организаторите да ги планираат санитарните чворови и како да подготват план за евакуација.
Само 10 дена подоцна ниедна од тие препораки не важи, бидејќи настан според дефиниција подразбира собирање на повеќе луѓе на едно место. Тоа е место каде во доста непосредна близина луѓето на уво си разговараат едни со други, се ракуваат, наздравуваат, се бакнуваат и допираат, допираат иста храна, дишат ист воздух. Односно, прават се’ она што е моментално недостапно поради „знаете-веќе-што“. И тоа е нешто што не можеме да го контролираме и врз што не можеме да влијаеме. Со оглед на ова, разбирлива е одлуката на СЗО да го отфрли ваквиот документ како неважечки, скоро како еден вид на шега. Загубите кои ивент индустријата ги претрпува на глобално ниво е со вртоглави размери. Таа загуба ја вклучува и авио индустријата, превозниците, хотелиерите, конгресните центри. На некое наше микро ниво, загуби трпиме ние кои се наоѓаме помеѓу проектите и клиентите, а со самото тоа трпат и многу мали и средни добавувачи кои зависат од нас. Многу декоратери, сценографи, техничари, фотографи, музичари, реквизитери, водители, монажери се многу погодени од актуелната криза.
Она што е добро е тоа што ни се пружа историска шанса да се менуваме и прилагодуваме. Моменталната алтернатива која се нуди е организација на веб семинари и веб конференции. На еден таков настан присуствував минатата недела, кој беше организиран од Event Industry Council. Во суштина, кога ќе направам споредба тоа и понатаму е истиот семинар кој пружа она што впрочем ни е потребно, а тоа е јасна и автентична информација. Дополнително е интересно што на овој семинар присуствуваа скоро 200 луѓе од разни делови на светот, и учесниците имаа можност да комуницираат и 1 на 1 по пат на директни пораки и да добијат тонови материјал за преземање.
Она што се воочува е дека луѓето се многу поопуштени при изнесување на своите ставови и мислења, токму од причина што тоа го прават од удобноста на своите домови, па целата атмосфера е доста лежерна и понепосредна отколку тоа да се одвива во некој конгресен центар. Од друга страна пак, иако информацијата е иста, она што можеби недостасува е стекнување со лично искуство при тие настани, како и вмрежувањето кое е една од клучните активности на секој настан. Но, и тоа е можно, и со помош на технологијата – надминлив проблем. (во следниот текст: „Како успешно да се организира веб настан.“) Респрезент Систем ја препозна оваа можност и за ова кратко време веќе има закажани два едукативни тренинзи.
Меѓутоа, постои една, да речеме мала, препрека. А тоа се луѓето, кои по дефиниција се социјални битија и на кои им е потребно да бидат во движење, да комуницираат, да се дружат, запознаваат, патуваат, да се забавуваат. Ако луѓето бидат затворени во еден круг, единствено што се може е да се земе еден часовник и да се мери кога тој круг ќе пукне. Глобалната криза од пандемијата не’ потсети од колкаво значење всушност се блискоста и непосредноста на човечкиот контакт и колку е важно слободно да се движиме. Работите кои ги земавме здраво за готово сега ни се недостапни. Кафе со пријателите, состанок со драга личност, забави, концерти, работни состаноци, музеи, претстави. Кога звончето ќе го обележи крајот на овој многу важен час во човечката инсторија, тогаш ќе се слуши само едно – сите ќе излетаат надвор.
И тоа ќе биде моментот кој адвертајзинг индустријата веднаш ќе го искористи. Секако, во прво време правилата на играта ќе се сменат. Големите компании и клучните играчи знаат дека огласувањето никогаш не престанува. Како познатата изјава на Хенри Форд: „Доколку запреш со рекламирање за да заштедиш пари, тоа е како да го запреш саатот за да застане времето.“ И тоа е една голема вистина. Секако дека ќе се намалат буџетите за почеток, но и природно ќе паднат цените на суровините и на изработката. И тука доаѓаме до клучната работа дека преку креативност и со добар тим, со малку пари може да се направи нешто значајно и големо.
Човештвото се соочува со глобална криза, да се надеваме дека ќе е најголемата во нашиот живот. Се надеваме, бидејќи прашање е дали сме спремни за нешто уште полошо. Како човештво тргнавме по патот на глобалната солидарност со тоа што привремено се затворивме и се дистанциравме едни од други. Што можеме да научиме од ова и како, не само нашата професија туку и нашиот живот, ќе изгледаат после ова? Брз одговор на ова прашање тешко дека ќе добиеме набргу. Можеби ќе ја практикуваме мантрата која им ја повторувавме на клиентите со години, дека не е потребно толку многу да се печати на настаните и дека е потребно повеќе да се користи 3Д мапинг и видео техника за да бидееме одговорни кон природата. Можеби AR и VR ќе бидат доминантни на сите настани, а не само како новости. Можеби пак, ќе сакаме само настани на отворено за да побегнеме од учмаеноста на затворените простори. Не знаеме за сигурно. Но знаеме дека ова време кое сега го имаме, овој мезанин од животот, мораме да го искористиме да учиме и да ја редефинираме целата ситуација. Од сево ова да излеземе подобри и појаки, не само како професионалци во својата работа, туку и како луѓе.
Ивент менаџментот не оди никаде. Потонат е во (не така убав) сон, но кога ќе се разбуди – ќе биде многу гладен.