Како да се комуницира во кризни ситуации

Сигурна сум дека многумина од вас овие денови се занимаваа со кризни комуникацији во помала или поголема мера. Иако статистиката говори дека само 14% од кризните ситуации во работата се случуваат изненадно и без било каква најава, денес нема да се занимаваме со тоа дали економскиот сектор можеше да превиди ваков тип на криза како што е COVID19. Тоа ќе го оставиме за анализа и заклучоци за што научивме (а искрено се надевам дека ќе научиме) од оваа ситуација во која се најдовме.

Она што од нас како лидери се очекува денес е ефикасно управување на ситуацијата, а секое ефикасно управување со криза бара неодложување. Така е и во комуникацијата. Бидете правовремени во комуницирањето, бидејќи секој одложен момент значи загуба за вашата компанија.

Одредете ги приоритетите и кои моментални активности се неопходни, идентификувајте што од ресурсите во даден момент ви недостасува или што вашата компанија не го поседува. Големите компании веќе имаат задолжено луѓе за комуникација и оформени кризни штабови, но во малите компании тоа обично не постои и затоа треба да се назначи личност која ќе комуницира во име на вашата компанија за да комуникацијата биде канализирана на вистински и правилен начин.

Следен чекор е да ги определите вашите целни групи. Вашата примарна, а и последна, целна јавност се вашите вработени. Тие се вашите амбасадори во рамки на компанијата и надвор од неа. Начинот на кој вие ќе комуницирате со нив, ќе го определи понатамошниот тек на комуникацијата. Доколку правилно ги насочите и канализирате пораките кон нив, ќе ги добиете посакуваните пораки кои ги пласирате. Но доколку не го сторите тоа, ќе имате гласини и ширење на паника во овие моменти. Она што е особено важно е дека морате да допрете до секој поединец во компанијата, без разлика дали тој работи во производство, во канцеларија, на одржување на простории или било што друго. Следствено на ова, кога знаете кому се обраќате и кои канали на комуникација ги имате на располагање, вашата порака мора да биде прилагодена кон сите.

Кога станува збор за екстерна комуникација, многу менаџери имаат дилема на кој начин и во која мера да се соопшти вистината. Јас секогаш сум за отворена комуникација, без разлика дали е реактивна или проактивна. Доколку ја оформите својата клучна порака и ја соопштите на јасно таргетирани канали, секогаш ќе бидете во предност наместо да допуштите медиумите, партнерите или било кој друг да се распрашува и да дојде до вистината преку своите канали до извори на информаци. Секако дека внимателно ќе ги обликувате и стратешки ќе определите кои информации се клучни за јавноста на која и се обраќате и на што треба да обрнете внимание. Бидејќи кога сте отворни кон јавноста, на тој начин ја стекнувате нивната доверба и тие ќе знаат кому треба да се обратат во таквите ситуации. На тој начин ќе ги спречите дезинформациите и ќе го пласирате она што сакате.

Со што се одликува добра порака во вакви ситуации? Правовременска содржина на кратка, сумирана и конкретна порака без стручни изрази и термини, која изразува сочуствување и емпатија, која е ориентирана кон решение на проблемот и притоа не ветува премногу или нешто невозможно, и која не се обидува да го погоди можниот исход, од причина што во ваквите ситуации никој со прецизност на може да го предвиди.

Пред сево ова горенаведено, имајте секогаш на ум дека однапред подготвени пораки се пола од работата, не само во кризна комуникација туку и во комуникацијата воопшто.

Совети плус:

– Имајте уши внатре и надвор од својата компанија за да можете да ги исфилтрирате важните работи и изворите на информации кои ќе ги користите, и на тој начин да пласирате порака

– Покажете го „човечко лице на компанијата“ и дека сте лидери кои имаат душа

– Комуницирајте често – луѓето очекуваат од Вас да ги информирате, да ја слушнат вистината, да ги имаат неопходните информации – бидејќи на тој начин ќе бидат посигурни во Вас како лидер, но и ќе стекнат дополнителна доверба во компанијата.

И ако после се’ сепак помислите дека не знаете како ќе ги надминете сите проблеми со кои денес се среќавате, сетете се дека целиот свет се соочува со ситуација во која никој од нас претходно не се нашол и дека стравот од непознатото е природна појава. Но, што би рекла мојата колешка Јована, искуството, знаењето и здравиот разум се на наша страна. Бидејќи ова не е една книга повеќе, туку проблем од кој учиме и ситуација од која ќе излеземе уште поискусни и појаки.

Останете здрави!

Извор: SAM

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *