КОРОНА ЛЕКЦИЈА – Вирусот не влегува низ затворена врата

Секоја криза е тешка и болна, без разлика дали е лична или колективна. Личните се своевиднo тивки, интимни, само наши, и иако повеќе болат, учиме или научуваме да се справиме со нив, на еден или друг начин. Но, колективните се повеќе хаотични, затоа што се масовни и имаат ефект на колективно лудило, со многу надворешни гласови кои едноставно го надгласуваат и внатрешното јас. И тоа е во ред, сè додека не почнат да нè влечат надолу – па да почнеме и да размислуваме колективно хистерично.

Признавам, деновиве во еден момент и јас бев на ивицата на тоа. Премногу информации, неоснован и конструктивен ум во исто време, еден куп на различни мисли, не само од оние кои ги ценам, туку и многу повеќе од другите. Во тој момент решив да го игнорирам секој звук сè додека не започнам да го слушам својот доволно јасно. Да почнам да слушам што мислам, што чувствувам, што сакам за себе во ова лудило.

Секоја криза е во исто време и можност, зависи од нас која страна ќе ја одбереме и за која сме подготвени да вложиме повеќе напори. Во овој хаос е тешко да го пронајдеме мирот и да размислуваме во таа насока. Затоа, честопати се движиме на линијата на помал отпор, убедувајќи се себеси дека тоа е начинот и дека едноставно така мора да биде.

Поминав многу кризи досега, најразлични. Не знаев како да се справам со нив, но искуството и вродениот песимизам ме научија да ја “свртам таблата”. Едноставно да ја изберам полесната опција.

И овој пат ja свртев таблата. И веќе научив многу за себе. Се радувам за тоа и уживам во тоа сознание. Го слушам смеењето на моите деца многу гласно и им одговарам дури и погласно. Подготвувам рецепти кои со години се натрупуваа и чекаа да ги отворам. Јадам што јадам и не ми е гајле дали утре ќе можам да “влезам”во омилените фармерки. Читам книги и секојдневно вежбам ‘поставување на граници’. Конечно го пијам утринското кафе на тераса и гледам во далечината. Престанав да играм игри на мојот телефон бидејќи ме заморуваа. Се потсетувам на материјалот за четврто одделение и не ми е тешко :). Исто така, се сеќавам на времето кога сама си правев фризура. И многу други работи :).

А што сега со тој “некој “вирус таму надвор? Подготвени сме за сè, барем ние од овие региони секогаш во некој аларм. Ова sвони малку посилно и предупредува посериозно – да бидеме свои и многу поодговорни, да се однесуваме зрело и достојно за паметот и годините, да бидеме максимално рационални.

Не сме деца, ниту пак многу стари.  Сè што треба да направиме е да се ослободиме од здодевноста, да се свртиме кон некои наши лични вредности кои не ги наоѓаме во кафулињата или кај другите и да останеме дома. Вирусот не влегува низ затворена врата, колку и да е опасен и силен.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *