Кога планираме нешто да купиме прво прашуваме колку чини. И тоа е нормално.
Исто така, секогаш знаеме со колкав буџет располагаме и колкав трошок можеме да си дозволиме.
Освен, кога станува збор за услуга…
Во многу наврати изминативе 15 години, колку што сум во комуникацискиот бизнис, сум го слушнала прашањето: „Но зошто е тоа толку скапо?“. Од каде да почнам да објаснувам зошто и колку ова прашање ме нервира. Сепак мене лично „омилени“ ми се коментарите на сезнајковците од типот: „Зошто да ви дадам толку многу пари кога можам да ја обучам мојата секретарка Милка за тоа Фејсбук-от и се останато?“
[title]Сте се почуствувале вака?[/title]
Сега сериозно ќе се обидам да објаснам (не замерувајте ако се пошегувам на неколку места) што сѐ вклучува цената на услугата на професионална агенција за комуникации. Ќе стигнеме и до одговорот на прашањето зошто секретарката Милка не може да излезе на крај со рекламирањето и аналитиката на Google, зошто креирањето на висококвалитетна содржина подразбира ангажман на цел тим професионалци, зошто SEO не може да ви изведе синот на комшијата иако е паметен и учел во Америка (сигурно научил таму). И секако ќе се потрудам да ги дефинирам причините зошто треба да се инвестира во услуги на професионална агенција за интегрирани комуникации, зошто ви е потребен експерт за односи со јавност и цел тим кој ги познава деталите на inbound marketing.
[title]Одиме по ред…[/title]
1. Комуникациите се студираат со години. Но не е само учењето, тука е искуството од работа на сериозни проекти, себенадоградувањето низ различни проекти и брендови. Одлична работа за вас може да завршат само луѓе кои пет, десет па и повеќе години се специјализирале за работа на полето на комуникациите и работат во тим кој го дава најдоброто за вашиот проект.
2. Треба да се познаваат и нијансите и разликите. Може да дојдете и да побарате понуда за организација на настан. Се чини прилично едноставно нели? Сѐ што ве интересира е генерален концепт и отприлика трошок. Но, не е така едноставно. Настанот може да биде работен ручек на CEO и 20 луѓе, но може и да биде бизнис форум за 1000 луѓе. Може да ангажираме локален музички бенд, но и да треба да креираме light show, огномет, да донесеме локална театарска група итн. Небото е граница на имагинацијата, но и буџетот секако.
3. Некои проекти подразбираат потреба од ангажман на поголем и поискусен тим. Можеби планирате организациско реструктурирање, промена на локација на канцелариите или не дај боже редукција на вработените и организациската структура, за таков тип на проект ќе ви биде потребен тим од најмалку 5 члена со различни компетенции: кризен комуникатор по можност со искуство во слична ситуација, лице специјализирано за интерна комуникација кое ќе соработува со HR тимот на компанијата во процесот на реструктурирање, лице за контакт со медиуми кој ќе соработува со уредниците на медиумите и ќе ви помогне да креирате концепти и материјали за информирање соодветни за објавување во јавност, експерт за дигитална комуникација кој ќе го контролира развојот на нештата на Twitter, Facebook (знаете што може да се случи ако стркалате снежна топка по снежната планина наречена социјални мрежи) и секако ви треба искусен проект менаџер кој ќе треба да го искоординира сето тоа.
4. За жал комуникациите се нешто што сите мислат дека можат да го прават но ретко кој знае како. Речиси сите сметаа дека можат да ја работат работата на професионален комуникациски експерт, за сите е тоа едноставно, а притоа забораваат колку учење треба, колку време дигиталните експерти посветуваат на онлајн курсеви, читање, учење, следење и анализа на трендови, колку е тешко да се биде во чекор со постојаните промени на алгоритамот на Google… Да, секако можете да најдете студент да ви ја менаџира Facebook страната за 50-100 евра месечно и онака тие цел ден „висат“ на телефон па може да го искористат времето да постираат нешто за вас. Она што го заборавате е дека постојат школи, академии, истражувачки институти специјализирани за градење на онлајн комуникации или создавање контент. Знаењето стекнато таму не се споредува со времето поминато пред телефон и постирањето „нешто“. Добра содржина е она што ќе ја направи вашата Facebook страница поинаква, а можам да ви гарантирам дека студентот кој ќе го платите 50 евра за да постира од својот телефон не поминува 8-10 часа дневно занимавајќи се исклучиво со развивање контент стратегии кои имаат за цел да го направат брендот повидлив и порелевантен на интернет.
5. Искуството и добрите препораки ја прават разликата. Што преферирате – да и ги доверите комуникациските напори на вашата фирма на секретарката Милка или на сериозен професионален тим кој работи со компании како Coca Cola, Philip Morris, Wizz Air, GAP итн. Што рековте? Не ве чув? Можеби сепак на тие кои научиле нешто од Coca Cola. Хм, така и си мислев.
На крај замислете ваква ситуација. Треба да стигнете од точка А до точка Б. Можете да земете Тојота, Мерцедес или Југо – сите наведени имаат мотор и волан и би требало да можат да ве одвезат каде сакате. Сепак начинот на кој ќе стигнете таму го дефинира вашето задоволство и искуство. Сите би сакале да го земеме Мецедесот но ако нашиот буџет е доволен само за Југо – одговорот е едноставен. Мерцедесот не чини толку многу само затоа што неговото име звучи супер туку затоа што тим од исклучително талентирани инженери поминале денови и ноќи осмислувајќи ги безбедносните аспекти на возилото, квалитетот, сигурноста, затоа што зад името стои долгогодишна посветеност и традиција. Зошто би било поинаку во комуникацискиот бизнис? Помислете на оваа паралела следниот пат кога нема да разбирате зошто предлогот од агенцијата за комуникации, која е присутна на регионалниот пазар речиси 20 години, вработува над 100 едуцирани луѓе, реинвестира секоја година голем дел од својата добивка во бизнисот и развојот на човечките ресурси, е поскап од предлогот на синот на соседот (иако тој, секоја чест, се школувал во Америка).