Скоро сите го гледавме видеото од Роберт Кели – професор и политички анилитичар, во кое за време на неговото обраќање во живо на ТВ зад него во собата се појавија неговите две деца :). Ова симпатично видео ги освои срцата на гледачите, но исто така и докажа дека е предизвик да се работи од дома со “малишаните”, дури и кога имате бебиситерка што ги чува.
Во ова време на пандемија, кога многумина од нас работат од дома, кога нашите деца не одат во градинка и на училиште, не е лесно да останеме фокусирани, продуктивни и при здрав памет.
Секој од нас досега имал можност да го помине денот работејќи од дома од различни причини, но сега, во овие околности е сосема друга приказна.
Добар план за успешен ден
Работењето од дома има свои предности, посебно наутро. Можеме подолго да спиеме, не губиме време во сообраќајните гужви, без трошоци за превоз, појадок и кафе, па и со добра организација на времето можеме да бидеме и супер продуктивни. Се разбира, не е ист секој ден, ниту може да имаме сè под контрола, затоа се обидувам да си поставам реални цели и “to-do” обврски на списокот што треба да направам во текот на денот, решавајќи ги по приоритет.
Во рекламите најчесто утрата почнуваат позитивно, убаво и весело. Децата и родителите се будат со насмевка, така наспано се растегнуваат, весело протрчуваат низ домот и среќно фамилијарно појадуваат. Мојот ден започнува кога помалото дете ќе ми се качи на глава, ама во вистинска смисла на зборот. Потоа започнува борбата за облекување, гужвата во тоалет, високите тонови … И така, таа гужва поминува брзо бидејќи сите излегуваме од дома. А сега, кога работиме и учиме од дома, распоредот на активности е вистински предизвик.
Никој не ја разбира вашата работа сериозно
Во работните денови се обидувам да ги одржам нашите утрински ритуали исти како пред короната. Така имаме добра основа за понатамошно планирање на нашите дневни активности. Забележав дека ако му дозволам на постарото дете да гледа телевизија долго време веднаш по будењето, тогаш ризикувам дека ќе го помине остатокот од денот мрзливо, нервозно и агресивно, па истото би се случило и следниот ден.
Посебен предизвик е фактот дека многу драги луѓе сериозно не ја сфаќаат работата од дома. се јавуваат, па очекуваат долг и опуштен разговор, без да прашааат кога ви е пауза, да не ги спомнувам децата кои постојано го бараат вашето внимание, ве прашуваат, очекуваат да им помогнете во домашните задачи, па да редите коцки и додека имате важен деловен разговор, може да се очекува да нацртате “мачка” на пример :).
Како да ги организирате активностите?
Ако децата се доволно големи, разговарајте отворено за новата ситуација и важноста на вашата улога во неа. Објаснете им дека не треба да ви попречуваат додека работите, освен ако е нешто навистина итно. Се помирив со фактот дека куќата не може да биде уредна повеќе од половина час, работам додека моите деца спијат, јадат, играат или гледаат телевизија и моето работно време не е континуирано, така што некогаш работам и до доцна кога не успевам да се организирам соодветно. Затоа потенцирам – ако имате некој што може да ви ги чува децата бар еден час или два на ден, вие сте среќна личност!
Како да ги анимираме децата?
Овој дел остана на крај, но всушност е најважен. Родителите кои работат од дома знаат дека е исклучително корисно 15 минутно анимирање на детето во текот на денот.
Технологија: Ќе признаеме или не, во случај кога треба итно да завршите некоја обврска, сите приказни за ограничување на технологијата паѓаат во вода. Многумина од нас, во отсуство на опции, ќе бидат принудени да ги менуваат нашите принципи за користење лаптоп, гледање телевизија или играње игри. Се разбира, тоа не значи дека им дозволувам на моите деца да гледаат цртани филмови со часови, но тоа време едноставно стана многу подолго.
Креативни проекти: За ова треба добро да се опремите, затоа извадете колаж, боенки, боички, монистри итн … Ставете се во улога на учител, а понекогаш и децата ќе добијат токму таков проект за домашна задача, па паралелно и ќе работите и ќе ги надгледувате.
Друштвени игри: Избришете ја прашината од монополот, не лути се човече, јамб, некоја сложувалка… Ќе можете да ги играте и додека телефонирате или пак читате емаил порака. Ангажирајте го вашето дете да калкулира математички операции за вас, да осмисли некоја стратегија, да пронајде нешто на интернет итн.
Заедничко чистење: Децата сакаат да помагаат и се воодушевуваат кога ги “копираат” постарите. Може да им дадете влажни марамчиња за да избришат прашина или пак вода, четка и крпи за да ги исчистат своите пластични играчки. Притоа, одвојте време да одговорите на мејловите или пак да запишете неколку идеи за работа.
Видео разговори со роднини и пријатели: Децата обично сакаат да разговараат со своите баба и дедо, другарчињата од одделение, роднините … За време на домашна изолација, нормално е децата да комуницираат, да покажат што направиле и да договорат планови за дружба по завршување на пандемијата.
Игра надвор: Доколку условите дозволуваат, играњето на отворено на воздух и сонце е одличен избор. Секако не во гужва, туку во приватен двор или слично.
И на крај, што и да смислите дека функционира во овој период, потрудете се да не претставува стрес за вас или вашите деца.